На азиските берзи на последниот работен ден од годината цените на акциите пораснаа, но тоа само ја ублажи загубата за годината на околу 19 отсто, што е најголема од светската финансиска криза во 2008 година.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, порасна за 0,5 отсто околу 19 часот. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Хонгконг и Шангај пораснаа меѓу 0,2 и 0,5 отсто.

Вчерашниот раст на берзанските индекси на Волстрит позитивно се одразува на пазарите. Dow Jones зајакна за 1,05 отсто, додека S&P 500 порасна за 1,75 и Nasdaq индексот за 2,59 отсто. Растот на американските индекси главно се должи на корекцијата на цените на акциите по падот два дена по ред.

Благодарение на тоа, S&P 500 ја намали загубата оваа година на 19,3 отсто. Но, оваа година ќе биде запаметена по нејзиниот најголем пад од светската финансиска криза во 2008 година.

Ова е резултат на агресивното зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка за да се ограничи инфлацијата, која кон средината на годината ги достигна највисоките нивоа во последните 40 години. Dow Jones падна оваа година за околу 8,5 отсто, а Nasdaq индексот за речиси 33 отсто.

Инфлациските притисоци се намалија во последните месеци, поддржувајќи ги надежите дека ФЕД наскоро ќе го заврши циклусот на зголемување на стапките, но инвеститорите стравуваат дека економијата следната година ќе западне во рецесија и каматните стапки ќе останат на високи нивоа подолго од очекуваното.

Со денешниот раст, азиските берзи само малку ги ублажија големите загуби годинава. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, падна за околу 19 отсто оваа година, што е негова најголема загуба од 2008 година.

И на валутните пазари утрово падна вредноста на доларот во однос на кошничката на валути. Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 103,95 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 104,28 поени. Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 133,85 на 132,65 јени.

Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0660 долари, додека вчера во ова време беше 1,0625 долари. И покрај денешниот пад, индексот на доларот е на пат за најголема годишна добивка од 2015 година, со зголемување од над 8 отсто. Ова е благодарение на агресивното зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка оваа година, за вкупно 4,25 процентни поени.

Цените на нафтата, пак, утрово пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 0,42 отсто, на 83,80 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,50 отсто, на 78,80 долари. За цела оваа година цената на барелот во Лондон порасна за околу 5,8 отсто, а на американскиот пазар за приближно 4,5 отсто.