На светските берзи вредноста на доларот во однос на кошницата валути минатата година се зголеми за околу осум отсто, бидејќи американската централна банка предводи во агресивното зголемување на каматните стапки со цел да се потисне високата инфлација.

Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, годинава зајакна за околу осум отсто на 103,5 поени, што е негов највисок раст од 2015 година, пренесува SEEbiz.

Истовремено, доларот зајакна за околу шест отсто во однос на европската валута, па цената на еврото се лизна на 1,0705 американски долари. Една година претходно еврото падна за седум отсто во однос на доларот.

Курсот на доларот во однос на јапонската валута скокна за 14,5 отсто минатата година на 131,1 ЈПЈ, што е негов најголем пораст од 2013 година.

Зајакнувањето на доларот е благодарение на агресивното зголемување на каматните стапки на ФЕД со цел да се потисне инфлацијата во Соединетите Американски Држави (САД), која кон средината на годината достигна највисоки нивоа во последниве повеќе од 40 години.

Од март, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за вкупно 4,25 процентни поени, на опсег од 4,25 до 4,5 отсто, што е нивно највисоко ниво во последните 15 години.

Вакво агресивно заострување на монетарната политика на ФЕД не е забележано од 1980-тите.

Минатата година американската валута зајакна во однос на речиси сите други најважни валути во светот. Така, на пример, курсот на доларот порасна за 10,7 отсто во однос на британската фунта, а за 8,6 отсто во однос на кинескиот јуан.