На светските пазари се зголеми вредноста на доларот во однос на останатите светски валути. Индексот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 105,27 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 104,28 поени. Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 134,35 на 136,90 јени.

Американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0490 долари, додека вчера во овој момент изнесуваше 1,0575 долари.

Цените на нафтата, пак, пораснаа, откако вчера потонаа за повеќе од 3 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава порасна за 0,55 отсто, на 83,15 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,53 отсто, на 77,35 долари.

Пазарот расте во последните недели благодарение на надежта на инвеститорите дека американската централна банка ќе го забави темпото на зголемување на каматните стапки веќе во декември.

Повеќето аналитичари очекуваат ФЕД да ги зголеми каматните стапки за „само“ 0,50 процентни поени овој месец, по серијата зголемувања од 0,75 поени. Сепак, ублажувањето на инфлаторните притисоци не оди толку брзо како што се надеваа инвеститорите.

Податоците објавени во петокот од американскиот пазар на труд покажаа дека бројот на вработени продолжува да расте над очекувањата и дека растат и платите, што ја поддржува потрошувачката, но и инфлаторните притисоци.

Податоците ги ставаат инвеститорите „на штрек“ бидејќи остануваат клучните прашања: до кое ниво ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки – на 4,75 или 5,00 проценти – и колку долго ќе остане на тие нивоа.

Во моментов клучните каматни стапки се движат од 3,75 до 4 отсто, што е највисоко ниво од почетокот на 2008 година.