Еврото, австралискиот и канадскиот долар ги забележа своите највисоки вредности во однос на американската валута со двегодишен рекорд минатата недела

Доларот постојано се движи кон дното на рангирањето на меѓународните валути во декември.

Еврото, австралискиот и канадскиот долар, како и корејскиот вон, ги забележаа своите највисоки вредности во однос на американската валута од најмалку две години во последната недела. Швајцарскиот франк има најсилен учинок од 2015 година.

Британската фунта исто така ужива силни вредности откако достигна максимум од една година и покрај неизвесноста околу преговорите за Брегзит. А, поевтинувањето на доларот можеби само што започнува.

Со зголемениот оптимизам во врска со преговорите за нов стимулативен пакет во САД, надежите за успешна вакцина против коронавирус и економско закрепнување во Кина, побарувачката за светска резервна валута се намалува, изјавува Блумберг.

Некои експерти од Вол Стрит дури предупредуваат дека надолен циклус на доларот е неизбежен, додека Федералните резерви на САД продолжуваат да ги задржуваат каматните стапки со години.

„Вакцината без проблеми може наскоро да ги промени правилата на игра, бидејќи може да го забрза закрепнувањето на растот и да ги зајакне слабите перформанси на доларот“, рече Кристофер Вон, постар стратег за валути во Malayan Banking Bhd.

Доларот се намали во однос на неговите водечки конкуренти во седум од изминатите 11 месеци од оваа година, покажуваат податоците од индексот на доларот на Блумберг. Валутата исто така се намали за скоро 8% во однос на швајцарскиот франк и 4% во однос на јапонскиот јен во 2020 година, две други традиционални валути кои инвеститорите ги користат како прибежиште, истакнувајќи ги ефектите од невидениот стимул на ФЕД.

Гувернерот на федералните резерви на САД, Џером Пауел, во средата изјави дека Банката на федерални резерви (ФЕД) ќе ги задржи каматните стапки на ниско ниво, сè додека економијата не стави до знаење дека пандемијата ја „помина“ опасноста. За време на глобалната финансиска криза, кога ФЕД примени квантитативно олеснување, доларот помина низ сличен пад.

Еве неколку клучни нивоа достигнати оваа недела:

Еврото ја помина психолошката граница од 1,2 долари. Валутата во четвртокот достигна цена од 1,2139 долари, што е нејзино најдобро остварување од април 2018 година.

Канадскиот долар достигна цена од 1,2907 канадски долари за еден американски долар – негова најсилна изведба од октомври 2018 година.

Австралискиот долар, пак, се искачи на 74,37 американски центи, што е рекорден учинок повеќе од две години.

Корејскиот вон кој е  чувствителен на ризик, се искачи на 1.096,13 вони за долар – најдобра изведба од јуни 2018 година, откако го премина прагот од 1.100 вони.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк