На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката на валути дополнително се зголеми, па трендот на зајакнување на американската валута влезе во 12-та седмица со ред.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 106,25 поени, што е блиску до највисокото ниво во последните 10 месеци, додека во петокот вечерта на затворањето на тргувањето минатата седмица изнесуваше 106,17 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута на почетокот од тргувањето оваа седмица порасна од 149,40 на 149,75 јени, што е највисоко ниво во последните 11 месеци.

Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0565 долари, додека во петокот вечерта изнесуваше 1,0578 долари.

Цените на нафтата, пак, пораснаа, продолжувајќи го својот нагорен тренд, откако во третиот квартал скокнаа за повеќе од 25 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево порасна за 0,26 отсто, на 92,45 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,26 отсто, на 91,05 долари.