dollar 1Американската валута во вторникот благо зајакна во однос на кошницата валути после неодамнешните изјави на претставници на Банката на федерални резерви – ФЕД кои ги поддржаа очекувањата за зголемување на каматните стапки во блиско време.

Долар индексот, кој ја мери вредноста на доларот во однос на другите шест главни светски валути, се зголеми за 0,2 проценти на 95,433 поени. И се приближи до највисокото ниво во последните два месеци од 95,502 поени кое во еден момент го достигна во тргувањето минатата недела.

Американската валута во однос на јенот зајакна за 0,3 проценти на 109,50 јени. Еврото во сличен процент падна во однос на доларот на 1,1183 долари.

Претседател на огранокот на ФЕД во Сан Франциско Џон Вилијамс изјави дека американската централна банка е на пат да ги зголеми каматните стапки во јуни или јули и покрај ризиците како британскиот референдум за понатамошно членство во Европската унија, а ќе продолжат да ги зголемуваат и следната година во зависност од силата на американската економија.

Поддршка доларот обезбеди и од изјавите на уште двајца други функционери на ФЕД во врска со каматните стапки. Претседател на огранокот во Филаделфија Патрик Харкер во понеделникот соопшти дека зголемување на каматните стапки во јуни би било соодветно доколку индикаторите на економијата останат силни. Исто така, претседател на огранокот во Сент Луис Џејмс Булард предупреди дека предолгото држење на каматните стапки премногу ниско може да предизвика финансиска нестабилност.