Во Пелагонија, нашата најголема житница, засеаните површини под пченица ќе бидат помали за над 20 проценти во однос на лани

Во Пелагонија, нашата најголема житница, засеаните површини под пченица ќе бидат помали за над 20 проценти во однос на лани, објави МРТВ. Земјоделците ги лоцираат причините во ниската откупна цена, поскапувањето на репроматеријалите, доцнењето на исплатата на субвенциите и во климатските промени.

Најголема закана по родот е, доколку се случи, нов поизобилен влажен бран. Според сеидбениот план, есенските посеви ќе бидат застапени на околу 15.000 хектари, но сè помал е интересот за стратешката култура – пченицата. Пелагониските земјоделци одамна не паметат во овој дел од годината и пченката на многу места сѐ уште да не е ожнеана.

Податоците на Националната федерација на фармери покажуваат дека вкупните потреби на мелничката индустрија се движат околу 300.000 тони, а со домашното производство од околу 240.000 тони, се проценува недостиг од околу 60.000 тони, кој се надоместува со увоз од Србија. Статистички, просечниот граѓанин на Македонија консумира околу 105 кг брашно на годишно ниво. Според Организацијата за храна на ОН (ФАО), цените на храната во светот во октомври веќе трет месец по ред бележат покачување и се искачија на нов десетгодишен максимум. Причината е повторно растот на цените на житата и на растителните масла на светските берзи. Цената на житото и кај нас на почетокот на ноември достигна 15 до 16 денари, додека летоска, во екот на жетвата, беше 10,7 денари за килограм, велат земјоделците. Речиси 80 проценти од родот беа откупени веднаш, а дел беше складиран чекајќи подобра цена.