Минатата година Audi произведе 171.000 возила во Унгарија, во фабриката во која работат околу 13.000 работници.

Ауди ќе инвестира 301 милион евра во зголемување на производството на електрични мотори за автомобили во својата фабрика во Ѓер, Унгарија. Инвестицијата ја потврди и министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто.

Иако некои специфики на планот останаа непознати, Сијарто потврди дека Ауди ќе добие владин грант, односно финансиски средства во износ од 21 милион евра за помош за проширување на фабриката со што ќе се отворат 500 нови работни места.

Електромоторите кои ќе се произведуваат во фабриката ќе се вградуваат во сите електрични модели на Volkswagen Group базирани на механичката платформа MEБ. Се очекува производството да започне во 2025 година.

Ауди произведува електрични мотори во Унгарија од 2018 година, што е важен производен пазар за германскиот производител на автомобили. Минатата година произведоа 171.000 возила во таа земја, во која веќе работат околу 13.000 работници.

Тоа придонесе Унгарија да стане 20-ти најголем извозник на автомобили во светот, пренесува Daily News Hungary.