Агенцијата Фич предупреди дека може да го намали рејтингот на американските банки Фани Меј и Фреди Мек, сигнализирајќи драматично краток рок за договор за зголемување на лимитот на американскиот долг, што веќе го отвори прашањето за рејтингот на САД.

Фич во средата сигнализираше дека може да го намали рејтингот на САД ААА доколку Белата куќа и Конгресот наскоро не постигнат договор за кревање на плафонот на државниот долг, кој моментално изнесува 31,4 трилиони долари.

Рејтингот може да биде намален доколку Вашингтон навреме не го зголеми лимитот за задолжување или не го суспендира, нагласија тие. Американското Министерство за финансии повеќепати предупредуваше дека веќе од почетокот на јуни може да има проблеми со исполнувањето на финансиските обврски.

Фич очекува договорот за лимитот на долгот да биде постигнат пред 1 јуни, но проценува дека постои зголемен ризик Белата куќа и Конгресот да не го кренат навреме плафонот, што „би било негативен сигнал за поширокото управување и подготвеноста на САД да ги исполнат своите обврски“.

Во четвртокот тие предупредија дека поради неизвесните преговори може да го намалат рејтингот на банките Фани Меј и Фреди Мек, кои ги основа Конгресот, а се фокусирани на купување хипотекарни кредити на секундарниот пазар. Преговарачите, од редовите на демократите претседателот Џо Бајден и претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Кевин Мекарти, се чини дека во четвртокот беа блиску до договор во Конгресот за намалување на трошоците и зголемување на лимитот на долгот, забележува Ројтерс.