Енергетската криза ги зафати и српските граѓани – ги менуваат навиките: повеќето почнаа да штедат струја, а домаќинствата кои се греат на дрва и пелети веќе ги посетуваат магацините и купуваат за следната грејна сезона. Во однос на мај лани, огревното дрво поевтинува и до 30 отсто. Кај магацините е фреквентно како пред грејна сезона. Добавувачите велат дека испораките се секојдневни, бидејќи многу граѓани веќе платиле за огревно дрво, а очекуваат уште поголема побарувачка.

„Неодамна, по први мај, започна интересот за огревно дрво. И самите знаеме каква беше минатата година, особено второто полугодие, па луѓето почнаа да купуваат порано бидејќи има поголема понуда, поповолни цени и поголем избор“, изјави за РТС Саша Петровиќ, сопственик на магацинот „Иверак“ во Белград. Пред да купите, добро е да се прашате за цената, не само од град до град туку и од ист добавувач – тие се разновидни. За тон пелети треба да одвоите од 30.000 до 36.000 динари, додека дрвото е најевтино на југот од државата, а најскапо во Војводина. Кубик најевтин се продава на камион – 7.500 илјади, додека во магацините чини од 8.000 до 10.500 динари. Во Здружението на фабрики за пелети, кое брои 80 членови, велат дека производството е нормализирано.

„Она што беше главниот проблем минатата година, годинава веќе не е проблем снабдувањето со суровина – дрво за пелетизирање. Производителите на пелети имаат дрво и можат да произведуваат со полн капацитет.Претпоставуваме дека така ќе биде и во наредниот период и дека понудата на пазарот ќе остане добра како што е моментално“, вели Младен Стојадиновиќ, претседател на Групацијата.