Со пет и пол милиони денари, државата ќе убедува странски и домашни туристи да летуваат и зимуваат во земјава. Министерството за економија објави тендер на кој за речиси 90 илјади евра бара некој да им направи комуникациска стратегија за промоција на домашните туристички дестинации. Промоцијата треба да се реализира преку веб-портали, но и на Фејсбук, Инстаграм, Гугл и Ју Тјуб. Во јавната објава, поставени се три столба. Првиот е комуникациска стратегија.

„Стратегија која треба да го дефинира наративот на кампањата која ќе биде базирана на сознанија добиени преку истражувања на навиките на туристите и во кои насоки се навиките под влијание на Ковид – пандемијата“, се наведува во Бирото за јавни набавки.

Вториот столб треба да биде „Администрирање профили на социјални мрежи“. Оној кој ќе го добие тендерот, ќе треба да објавува 20 постови месечно на Фејсбук, Инстаграм. Како трет постулат е поставување дигитална платформа – веб и мобилна апликација за туризам која ќе ги опфаќа и содржините од претходните кампањи, „Дома си е дома“ и „Macedonia Timeless“ и треба да биде на македонски, албански и англиски. Кампањата треба да опфати и целни групи:

Биро за јавни набавки:

Млади локални туристи – желни за откривање на недопрената природа
Млади странски туристи
Семејства со деца – викенд туризам или подолг престој
Постара генерација, посетители од странство кои бараат уникатни искуства
Постара генерација – локални туристи

Министерството за економија ја проценило оваа услуга на 90 илјади евра без пресметан ДДВ и ќе се спроведува една година. Платформата „Дома си е дома“ беше лансирана лани во екот на корона кризата. Јавноста се сеќава кога домашни локалитети беа промовирани со фотографии од странски држави, а од доделените ваучери неискористени останаа околу 40%.