Пред младите во Битола денеска во рамките на Саемот за кариера беше презентирана новата мерка од Оперативниот план за вработување која ќе поддржи иновативни и брзорастечки бизниси. Новата мерка Министерството за труд и социјална политика ја разви заедно со Фондот за иновации и технолошки развој.

– Парите кои ќе се даваат како грант на млади лица кои сакаат да основаат бизнис, од 4000 до 10.000 евра, ако се двајца содружници, ќе можат да бидат поддржани и од Фондот за иновации доколку имаат иновативна компонента и да продолжи растот и поддршката на тие бизниси. Со тоа го затвораме кругот на поддршка на оние бизниси кои може да растат во нашат држава, и не само да ги вработат основачите на бизнисот туку понатаму да се развиваат како компании, дополнително да вработуваат млади луѓе и со тоа да создадеме атмосфера за развој на економијата во нашата држава, рече Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Според проекциите очекуваат околу 150 млади луѓе идната година да ја искористат оваа можност.

– Сакаме на тие млади луѓе да им дадеме посебна поддршка, посебна едукација, посебна обука преку програмите кои ќе ги обезбеди Фондот за иновации и технолошки развој да добијат поддршка за да формираат своја компaнија и понатаму преку редовните програми кои фондот ги има, за да се развиваат тие бизниси, за да можат понатаму да се развиваат и да вработуваат нови луѓе и да креираат поголема додадена вредност, рече Јован Деспотовски, директор на фондот за иновации и технолошки развој.

Проценетата вредност на програмата за следната година е околу 20 милини денари.