Бизнисот реагира и не прифаќа закон што се носи ретроактивно

Според податоците на Управата за јавни приходи, вкупниот долг по основ данок на солидарност досега изнесува 638.289.966 денари или 10,2 милиона евра. Рокот на опомените истече денеска 24 ноември, па се  очекува да почне присилна наплата и блокада на сметките на неплаќачите. Бројката на компаниите кои не го платиле солидарниот данок е нешто повеќе од десетина. Бизнисмените  реагираат на овие состојби и се пожалија дека проблемот е мошне сериозен, зошто дел од компаниите во моментов немаат пари за тековните трошоци, во кои спаѓа и уплатата на даноците, бидејќи ги вложиле средствата за други намени.

Истече рокот до кога компаниите требаше да го уплатат солидарниот данок Според податоците на Управата за јавни приходи вкупниот долг по основ данок на солидарност досега изнесува 638.289.966 денари или 10,2 милиона евра. Компании кои не го платите данокот, прво ќе се опоменат. Но, рокот на опомените истече денеска 24 ноември. Се очекува да почне присилна наплата и блокада на нивните сметки.

Сања Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи, на последната прес-конференција кажа дека  24 ноември ќе им бидат блокирани сметките на компаниите кои дотогаш не го платиле данокот на солидарност, кој оваа година беше воведен како еднократен и кризен. Лукаревска кажа дека меѓу оние кои немаат платено има и јавни претпријатија.

Бројката на компаниите кои што не го платиле солидарниот данок е  нешто повеќе од десетина. Лукаревска неодамна кажа дека меѓу оние кои немаат платено има и јавни претпријатија.

Бизнисмените  реагираат на овие состојби и се пожалија дека проблемот е мошне сериозен, зошто дел од компаниите во моментов немаат пари за тековните трошоци, во кои спаѓа и уплатата на даноците, бидејќи ги вложиле средствата за други намени. Најголемиот дел од компаниите имаат проблем да го платат данокот, бидејќи законот е донесен годинава, а има ретроактивно важење.

Ангел Димитров, претседател на Работодавачите на Македонија, потсетува дека овој данок се однесува на работењето на компаниите во 2022 година, а данокот треба да се плати годинава.

-Поради задоцнетото донесување на Законот за солидарен данок, дел од компаниите веќе ги вложиле парите во инвестиции и други потреби и сега немаат пари за покривање на тековните трошоци, како што се даноците. Но, тоа не значи дека овие компании станале неликвидни или дека не остваруваат приходи. Затоа дел од нив побарале да го платат данокот на рати или успеале делумно да го уплатат, односно прво да обезбедат средства за таа намена, па потоа да го уплатат данокот – вели бизнисменот Ангел Димитров за весникот ВЕЧЕР и дополни дека  има и такви компании кои калкулирале со плаќањето на данокот и сега се опоменати поради тоа.

Стопанските комори, кои не го одобрија донесувањето на  солидарниот данок покренаа иницијатива до Уставниот суд  за поништување на данокот.

Деновиве пак претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, се изјасни дека се уште не е донесена одлуката од страна на уставните судии. Таа смета дека ако законот за солидарен данок е во сила, тогаш  компаниите треба да го платат данокот.

– Ова е и уставна должност на секој граѓанин. Тие треба да го платат овој данок, доколку Уставниот суд одлучи поинаку, тогаш ќе дискутираме кои се следните чекори на тие фирми. И битно е дали Уставниот суд би го укинал тој закон или би го поништил. Не би можела да ви кажам што би се случувало, додека судот не се произнесе – посочи Кацарска.

Од укинувањето или од поништувањето на законот ќе зависи дали државата ќе треба да им ги врати парите на компаниите кои го уплатиле износот на солидарниот данок.  Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во неколку наврати се изјасни дека Владата ќе ја почитува одлуката на Судот каква и да биде.

Законот за данок за солидарност или како популарно се нарече кризен данок, произлезе од кризната 2022 година. Обврзници на овој данок станаа компании кои што кога беше енергетската и социјалната криза остварија вкупен приход поголем од 10 милиони евра. На компаниите им беше дадена можат да го одложат плаќањето на даночниот долг под одредени услови и со плаќање на камата за периодот до 24 ноември годинава.

УЈП може да го одложи плаќањето на долгот за данок преку неспроведување (прекинување или незапочнување) на постапка за присилна наплата на долгот и исплата на долгот во најмногу 36 еднакви месечни рати, или еднократно одлагање на плаќањето на даночниот долг најмногу до 6 месеци.

Како причини за одлагање на долгот се смета ако извршувањето на даночните обврски би го нарушило деловно работење на компанијата, или кога даночните обврски претставува значително оптоварување и/или со плаќањето на обврзникот му се нанесува битна штета.