Владата собира пари од јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост,  за да го помогне ЕСМ. Досега на сметката на компанијата префрлени се над 3 и пол милион евра. За подобрување на ликвидноста на компанијата, која до пред извесен период  важеше за една од најстабилните и ги помагаше другите, позајмици пристигнале од повеќе институции.

Во однос на позајмиците, до овој момент на АД ЕСМ се префрлени 226,7 милиони денари од Државна Лотарија, АД Аеродорми, АД за стопанисување со станбен и деловен простор, АД за стопанисување со деловен простор, ГАМА, Национална радиодифузија и МИА. Рок на враќање е до  31.12.2022. Причината за одлуката на владата за позајмици од државни АД и ЈП е донесена во февруари како одговор на барањето на ЕВН за одложено плаќање на фактурите за декември и јануари кон АД ЕСМ, односно како интервентно решение со цел да се стабилизира ликвидност на АД ЕСМ во тој момент, се вели во дописот од компанијата.

Од ЕСМ  објаснуваат дека поради енергетската криза, што всушност е и финансиска, потребна е значителна сума на пари за менаџирање на работата во услови кога секојдневно растат цените на енергенсите.

Бидејќи имавме ковид криза од која голем број вработени беа отсутни поради боледување и продолжена нарушена здравствена состојба, а дел од вработените беа ангажирани дополнително согласно новите преземени обврски на АД ЕСМ а тоа беа менаџирањата со БЕГ, Скопје Север, активирањето на ТЕЦ Неготино и соработката со ТЕТО, се остава можност вработените од несуштински поврзаните работни места со производниот процес сами да се пријават за принуден одмор, се вели во дописот од компанијата.

Сепак од ЕСМ уверуваат дека засега исплатата на платите е во законски утврдениот рок.

Сериозниот раст на цената на струјата на берзите кој почна уште лани, ја усложни работата на државните електрани. Трошоците и за набавка на јаглен, за  мазути  и  струја значително пораснаа, поради што државата одлучи да  прогласи кризна состојба  на пазарот  со струја за да може да го помага ЕСМ.