Либерално-демократската партија (ЛДП) бара итни мерки за помош на производителите на јаболко, кои, според партијата, се соочуваат со сериозни проблеми поради ниската откупна цена.

Од ЛДП посочуваат дека во моментов за килограм индустриско јаболко се нудат 4 денари, со дополнителни 2 денари субвенција. Според нив, вкупниот износ е значително под производната цена, која се движи околу 10 денари за килограм.

Партијата бара откупната цена да биде зголемена на најмалку 12 денари за килограм. Како причина ги наведуваат и зголемените трошоци за производство, вклучително и горивото, пестицидите и останатите репроматеријали, како и последиците од сушата.

„Земјоделецот не може постојано да испорачува под производната цена. Ако државата сака да го задржи земјоделското производство, мора да обезбеди предвидливи и одржливи услови за производителите“, велат од ЛДП.

Од партијата најавуваат дека ќе предложат и законско решение за организиран откуп на стратешки земјоделски производи, меѓу кои тутунот, грозјето, оризот, пиперката и јаболкото.

Според ЛДП, ваквото решение би требало да придонесе кон поголема сигурност за земјоделците, особено кај производите со извозен потенцијал.

Партијата најавува и поддршка за организираните активности на производителите на јаболко, вклучително и преку обезбедување бесплатна правна помош.