Данокот за надминување на последиците од климатската криза во туризмот, кој е на сила од почетокот на годинава во Грција, ја заменува досега постоечката туристичка такса.

Ова во интервју за БТА го објасни министерката за туризам на Грција, Олга Кефалојани, запрашана да коментира дали новиот данок ќе ги зголеми цените на одморите во Грција. Кефалоани информираше дека се работи за такса, која ќе биде во износ од 1,50 евра дневно за соба во хотелите од попопуларните категории, за собите за издавање и за имотите со краткорочно изнајмување.

Нејзината сума може да достигне и до 10 евра, но тоа важи за луксузни сместувања, поточно хотели со пет ѕвезди и приватни куќи. Надоместокот е повеќе од двојно повисок во текот на зимските месеци.

Грчката министерка рече дека целта на мерката е туристите да учествуваат во заштитата на туристичките дестинации од климатската криза и во нивниот генерален развој. Таа ги истакна мерките што ги презема грчката влада за поддршка на населението и економијата, а особено на туристичкиот сектор, по разорните пожари и поплавите во некои области на Грција минатата година.

Кефалојани изјави дека грчкиот туризам покажал издржливост и, и покрај тешкотиите, забележал рекордни резултати во 2023 година и во однос на бројот на туристи и на приходите. Министерот Кефалојани ги истакна и предностите за туристичкиот сектор што ќе ги има идното приклучување на Бугарија и Романија во Шенген зоната, не само со воздушните и морските граници, како што е одлучено во моментов, туку и со копнените граници. Таа рече дека тоа не само што ќе го зголеми туристичкиот проток кон Грција од овие две земји, туку и ќе го зголеми интересот за целиот регион од посетителите кои не се членки на ЕУ.