Бришење на сите камати на долговите што граѓаните ги имаат кон државните и општинските институции, помош за најсиромашните граѓани, помош во угостителството, транспортот, туризмот, помош за тутунарите и медиумите, е предвидено со петтиот сет економски мерки.

Премиерот Зоран Заев во попладневниот дел од дебатата на вчерашната седница во парламентот за пратенички прашања соопшти на што се планира да се однесува петтиот пакет економски мерки за помош на граѓаните и стопанството.

„Мерките се структурирани како мерки кон граѓаните, мерки кон работниците, односно стопанството, и мерки кон сиромашните, па потоа се таргетирани категории што се директно најпогодени. Има размислување да им се помогне на сите граѓани. Мерката е да ги избришеме сите камати на долгови што граѓаните ги имаат кон државните и општинските институции, за долгови што се постари од три месеци, под услов да си го регулираат на 12 рати долгот што го имаат. Тоа значи за вода, за парно, даноци кон државата, кон станбените претпријатија, кон водостопанските претпријатија. Целта ни е не веднаш да го платат долгот, не можат веднаш, туку на 12 рати да склучат договори, но да ги избришеме комплетно каматите и со тоа да им олесниме. Имаме многу јавни претпријатија, државни и општински, што не може да ги наплатат и редовните сметки поради што ги книжат граѓаните како должници, а граѓаните не може и стари и нови сметки да плаќаат. Оттука намерата е да ги избришеме сите камати за долговите што се за физички лица, за граѓаните што допираат до државните и општинските институции. Со законско решение тоа е можно“, соопшти премиерот Заев.

Тој оцени дека досегашните 4 пакети економски мерки дадоа ефикасни резултати и дека ќе се продолжи со помошта кон најсиромашните.