Охридското Езеро е туристичка дестинација број еден во земјата со над 200.000 туристи и за да се заштити неговата убавина важно е да се обезбеди заштита на уникатната природа и да се минимализираат негативните ефекти врз животната средина, кои доаѓаат од туристите и индустријата, посочуваат од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР)

– Хотел „Инекс Олгица“ е водечки пример за ова. Пред неколку години, хотелот инсталираше соларни панели на покривот, а неодамна инвестираше во натамошни мерки за заштита на енергија. Ги замени сите надворешни прозорци и врати, ја подобри изолацијата на надворешните ѕидови, го реновираше покривот и инсталираше нов систем за топлење и ладење, со пумпи за загревање, велат од ЕБОР.

Потенцираат дека за оваа намена, „Инекс Олгица“ искористила кредит од 379.000 евра од „Шпаркасе банка Македонија“, која е дел од програмата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската Унија (ЕУ), преку Програмата за конкурентност на мали и средни претпријатија (МСП.). Програмата ги поддржува бизнисите на малите и средни претпријатија во земјата, преку инвестиции во зголемување на конкурентноста. МСП можат да аплицираат за специјализирани кредитни линии, а за возврат добиваат грант со кој се овозможува до 15 отсто враќање на инвестираните средства. Овој механизам е финансиран од Европската Унија. За МСП инвестициите во заштеда на енергијата се помеѓу приоритетните.

Со овие активности, од ЕБОР очекуваат хотелот да ги намали трошоците за топлење и ладење за повеќе од 53 отсто.