Економскиот раст во земјите од еврозоната „најверојатно ќе остане слаб“ до крајот на годината, објави Европската централна банка (ЕЦБ). Високите каматни стапки и слабата побарувачка на потрошувачите го потиснуваат економскиот развој, изјави претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард пред Европскиот парламент (ЕП). Таа го потврди својот став за монетарната политика.

Управниот совет на ЕЦБ очекува дека главните каматни стапки на централната банка на еврозоната ќе треба да се задржат на „тековното ниво доволно долг временски период за да се врати стабилноста на цените“. Европската централна банка очекува инфлацијата во еврозоната да се стабилизира на ниво од 2 отсто на годишна основа на среден рок, пренесе БТА. Цените растеа подолг период поради руската воена инвазија на Украина, но инфлацијата во еврозоната се намали на 2,9 отсто во октомври, соопшти ДПА.