Деновиве беше најавена уште една иновација во финтек индустријата кај нас. Наскоро стартува ТЕВА – првата и единствена дигитална факторинг платформа во Македонија, која не е кредит, а ја решава неликвидноста на компаниите. Платформата овозможува советување на клиентите во управувањето и финансирањето на обртниот капитал за одржување на неопходната ликвидност.

„Колкав број од компаниите во Македонија, поради економската и енергетската криза, секојдневно слушаат дека некој ќе им доцни со плаќање? Колкав дел од нив на почетокот на секој месец, независно од кризата, неопходно е да обезбедат плати на своите вработени? И колку можности за експанзија овие компании пропуштиле во меѓувреме?
Тоа беа основните причини кои не поттикнаа на македонските компании да им понудиме сервис, по примерот на трендовите кои ги користи развиениот свет„ – истакнуваат Ева Дамјановска и Теодора Џингова, финтек експертки кои живеат и успешно работат во оваа индустрија во Мексико и стојат позади основањето на ТЕВА.

Нивната иницијатива за една ваква платформа ја објаснија на вебинар кој се одржа минатата недела, каде заедно со говорници од академската и стартап сцената зборуваа за неопходноста од факторинг платформа.

„Факторингот претставува 10% од бруто домашниот производ на земјите во ЕУ и е тажно што кај нас овој процен е близу 0%“ – изјави проф. д-р Стојан Дебарлиев на овој вебинар.

Недостатокот на ваква услуга, ќе реши многу проблеми со кои секојдневно се соочуваат македонските компании, без оглед на нивната големина.

„Кој не поминал банкарски процес, а е мала компанија, не разбира дека истиот трае најмалку 3 недели и на крај повторно може да заглавите некаде. Затоа, едвај чекам Тева да започне!“- изјави Иван Ивановски, основач на најсимнувата македонска апликација Bike Computer на истиот вебинар.

Процесот за приклучување на платформата ТЕВА е едноставeн, ефикасeн и целосно онлајн. Замислете платформа каде по примерот на Пазар 3 може секоја од овие компании каде да ја „огласи“ својата фактура и од друга страна, после направена евалуација на фактурата од платформата, да обезбеди финансии во рок од 48 часови. И тоа, исклучиво врз веројатноста за пристигување на идниот прилив, а не на историските финансиски показатели.

„Корисниците треба да се најават, оставајќи информации за својата компанија и фактурата која сакаат да ја продадат. Во меѓувреме, Тева, е задолжена за процесот на верификација на сите внесени информации. Оваа верификација ќе се врши преку проверка низ јавно достапни бази на податоци. Истото се однесува и на верификацијата на прикачената фактура. Поконкретно, се проверува веродостојноста на информациите во фактурата, проверка на должниците и меѓусебните договори за соработка. Штом ќе се проверат сите овие информации, фактурата користејќи го нашиот систем за евалуација ќе добие кредитен рејтинг и ќе биде објавена на платформата со цел наоѓање на купувач за истата. После наоѓање на купувач се потпишува онлајн договор со кој се пренесуваат правата за фактурата кон купувачот. Последен дел од овој процес е исплаќање на парите од продажбата на фактурата на наведената сметка„- објаснуваат од ТЕВА кои наскоро стартуваат, а сите заинтересирани во оваа прва фаза ќе добијат ексклузивен пристап кој ќе им овозможи да бидат први известени кога платформата ќе стартува и притоа да добијат бесплатна евалуација на нивните фактури пред официјалниот старт.
Патот до ликвидноста на компаниите започнува со ТЕВА тука.