СДСМ преку соопштение обвинува дека македонските институции не преземаат мерки во врска со случајот со „Алта банка“, иако во Србија истрагата се проширува со нови осомничени и апсења.
Од партијата велат дека директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, на надзорната расправа во Собранието потврдил дека Народната банка не ја известила Управата за случајот, ниту побарала проверки на лица од управниот или надзорниот одбор на банката. Според СДСМ, Ивановски потврдил и дека Финансиската полиција нема отворено предмет.
Од партијата прашуваат дали биле проверени потеклото на капиталот и наводите за криминално стекнати пари, како и каква улога имале консултациите меѓу гувернерот Трајко Славески и премиерот Христијан Мицкоски во влегувањето на „Алта банка“ на македонскиот пазар.
СДСМ посочува дека истрагата во Србија се проширува, а меѓу новите осомничени е и Дубравко Мацура, брат на претходно уапсениот сопственик на банката Давор Мацура. Тој е осомничен дека неовластено влегувал во трезорот и изнесувал готовина во евра, која му ја предавал на својот брат. Во рамки на истиот случај е уапсена и директорката на „Алта пеј груп“, Татјана Бундало.
Од СДСМ велат дека во Србија се води истрага, има приведени лица, а на „Алта банка“ ѝ е одземена лиценцата, додека во Македонија сè уште нема јавно објавена истрага.
Партијата потсетува дека на 12 ноември поднела кривична пријава против Трајко Славески и други службени лица во Народната банка. Од СДСМ бараат одговор дали Обвинителството постапува по пријавата или таа сè уште не е разгледана, и прашуваат зошто надлежните институции не отвораат истрага.