Членките на ЕУ минатата година имаа 48 отсто зголемување на инвестициите во обновливите извори на енергија, а во 2020 година ги надминаа фосилните горива како главен извор на енергија на континентот, изјави  европската комесарка Кадри Симсон.

Симсон на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур рече дека инвестициите во обновливите извори на енергија во 2019 година изнесувале 32,9, а една година подоцна 48,8 милијарди евра, што е зголемување од 48,3 отсто.

Обновливите извори на енергија ги надминаа фосилните горива како главен извор на енергија за првпат минатата година, со 38 отсто во споредба со 37 отсто од произведената електрична енергија, покажуваат податоците на Европската комисија.

Симсон, комесарка за енергетика на ЕК, исто така рече дека целата ЕУ, како и поединечните земји, се на пат да ја исполнат поставената цел од 40 отсто енергија од обновливи извори до 2030 година.