Резултат од целата операција за намалување на употребата на пластичната амбалажа е масовниот увоз на биоразградливи кеси од Турција и Грција и уште помасовниот увоз на полипропиленски торби, што според екологистите е далеку поопасна амбалажа

За нешто повеќе од една година, откако се забрани употребата на пластична амбалажа во трговијата, хартиените ќеси служат повеќе како декор на касите по маркетите. Магацините на производителите се преполни со залихи, а еколошкиот момент се повлече пред практичноста. Продавачите велат дека еден од десет купувачи се пофаќа за хартиена кеса, иако во некои маркети ќе ви релат дека не продаваат пластични кеси. Од друга страна пак, голем дел од зеленчукот и овошејто се пакува во пластични кутии за еднократна употреба. Резултат од целата операција за намалување на употребата на пластичната амбалажа е масовниот увоз на биоразградливи кеси од Турција и Грција и уште помасовниот увоз на полипропиленски торби, што според екологистите е далеку поопасна амбалажа. Производителите не се согласуваат дека хартиената амбалажа е драстично поскапа од пластичната, а се спорат и со наводите дека тие „не го држат“, купеното овошје и зеленчук.

-Разликата во цената на пластичната и хартиената кеса е 1 денар, ама трговците сакаат да заработат стопроцентно па ги продаваат од 9 до 12 денари. Во однос на издржливоста треба јасно да се разгранички што е кеса од стопроцентна целулоза, а што е од рециклирана хартија, која е понеиздржлива – брифираат производители на хартриена амбалажа за „Слободен печат“.

Тие додаваат дека многу фрими од нивната бранша ги затвориле погоните, а на оние кои останале заработката им е далеку од очекуваната.

– Продолживме со производство на ќеси за подароци и брендирани ќеси, а ќесите за маркетите многу помалку се трошат. Ефектот не беше ни оддалеку колку што очекувавме, бидејќи се надевавме дека ќе трошиме големи количини. Младите користат хартиени ќеси, а постарите си носат торби – вели Оливер Стојчевски, комерцијален директор во фабрика за производство на хартиени ќеси во Битола.

Очигледно е дека наводната грижа за екологијата ќе трае се до влезот во ЕУ. А, колку се стеснува манипулативниот простор неодамна се уверија и претставниците на македонската делегциија во Брисел во рамките на скринингот на Кластер 4, во делот на Поглавјето животна средина. Поглавјето животна средина се смета за најтешко и најскапо во процесот на преговори на земјите за членство во Европската унија, затоа што пред да станеме членка на Унијата, ќе мора вистински да ја ограничиме употребата на пластиката за еднократна употреба, нејзиното собирање и третирање, итн. Освен што европската Директива за пластика за еднократна употеба предвидува капачињата да бидат прикачени за самата флашичка, таа предвидува произведувачот да ги сноси трошоците за информирањена граѓаните за штетноста од пластиката за една употреба, нејзино одложување и третирање, но и анализа на податоците.