Поради војната со Иран, богатите елити сè повеќе и речиси незабележливо префрлаат капитал од Дубаи во Сингапур и Швајцарија. Прашањето е колку е отпорен емиратот и дали може да го задржи својот углед како финансиски рај.
Дубаи долго време градеше имиџ на оаза на стабилност во нестабилниот Блиски Исток. Емиратот, втор по богатство во Обединетите Арапски Емирати, се позиционираше како сигурен финансиски центар каде богатите поединци можат да го чуваат капиталот, да водат бизнис и да планираат на долг рок со чувство на доверба.
Но, овој внимателно изграден имиџ е сериозно разнишан со војната со Иран. Ракетните и напади со дронови врз цели во Персискиот Залив предизвикаа силен економски шок, при што берзите во Дубаи и соседниот Абу Даби во краток период загубија значителна вредност.
Истовремено, туризмот доживеа драматичен пад – пополнетоста на хотелите се намали на околу 20% во споредба со вообичаените 70-80%, додека авионскиот сообраќај кон и од меѓународниот аеродром во Дубаи опадна за околу две третини.
Иако воздушниот сообраќај и деловните патувања постепено се опоравуваат по привременото примирје, продолжувањето на тензиите меѓу Вашингтон и Техеран претставува долгорочна закана за статусот на Дубаи како глобален деловен центар.
Статусот на „безбедно прибежиште“ доведен во прашање
Дел од богатите поединци кои го избраа Дубаи како место за инвестиции и живот почнаа да се сомневаат во неговата стабилност. Наместо тоа, тие се ориентираат кон други финансиски центри – пред сè Сингапур и Швајцарија.
Советниците за управување со финансии во овие земји бележат нагло зголемување на интересот од клиенти од Дубаи, а швајцарските банки очекуваат прилив од десетици милијарди долари од регионот.
Сепак, двата центри не се нужно конкуренти, објаснува Рајан Лин, правник и директор на сингапурската адвокатска канцеларија „Бејфронт ло“. привлекуваат различни типови капитал:
Швајцарија е попривлечна за европските и глобалните клиенти, додека Сингапур повеќе привлекува богатство со азиско потекло
Сингапур разви развиен систем на „family offices“ – приватни фирми за управување со инвестиции и наследство, што е особено привлечно за богати семејства од Азија.
Швајцарија, пак, се потпира на вековна традиција во приватното банкарство и политичка неутралност.
Според експертите, изборот меѓу двете дестинации често е дилема меѓу „раст и зачувување“ – Сингапур за раст, Швајцарија за стабилност.
„Ладење“ на пазарот на недвижности
Конфликтот влијае и на долгорочната привлечност на Дубаи за странци и компании. Космополитскиот начин на живот беше клучен двигател на бумот на недвижности, со значителен раст на цените по пандемијата.
Сепак, знаците на забавување се веќе видливи. Пазарот на недвижности се соочува со намалена побарувачка, а анализите укажуваат на можна корекција на цените. „Сити рисрч“ предвидува пад од околу 7% годишно во негативно сценарио, со кумулативен пад од околу 20% до 2028 година.
И покрај тоа, повеќето богати инвеститори не се повлекуваат целосно, туку го диверзифицираат својот капитал – задржувајќи дел од оперативните бизниси во Дубаи, а префрлајќи го долгорочното богатство во Сингапур и Швајцарија, воспоставувајќи „втори бази.“
Економскиот подем на пауза
Пред војната, економијата на Дубаи бележеше силен раст. Во 2025 година, БДП порасна за околу 4,7% во првите девет месеци, што ја потврди позицијата на Емиратот како еден од најдинамичните економски центри во регионот.
Истата година, околу 9.800 милионери се преселија во ОАЕ, носејќи со себе околу 63 милијарди долари нов капитал, според извештаите за глобална миграција на богатство.
Дубаи нуди исклучително атрактивна даночна средина: нема персонален данок на доход, нема данок на капитална добивка, нема данок на наследство, корпоративниот данок изнесува 9% за профити над одреден праг.
Ова го прави еден од најатрактивните центри за глобален капитал.
Дали Дубаи ќе се опорави?
И покрај тековните ризици, аналитичарите предупредуваат дека Дубаи не треба да се отпише. Градот има долгогодишна историја на брзо опоравување и реализирање амбициозни проекти – од Бурџ Калифа до мегапроекти во инфраструктурата.
Плановите за иднината остануваат амбициозни: трансформација на аеродромот во најголем јазол на авионскиот сообраќај во светот, удвојување на економскиот волумен до 2033 година, мегапроекти како „The Loop“, најголем вештачки корален систем и туристички комплекси од нова генерација
Ова укажува дека, иако многу богати инвеститорите денес вложуваат со претпазливост, целосно повлекување од Дубаи за многумина би значело откажување од возбудливиот, космополитски живот среде пустината.