Инфлацијата во светот ќе остане висока и во наредните години, очекуваат економисти од 133 земји кои учествуваа во истражувањето на германскиот институт „Ифо“ и на швајцарскиот институт „Коф“. Тие предвидуваат глобална инфлација од 7,0% за оваа година, 6,0% за 2024 година и 4,9% за 2026 година.

„Очекувањата за 2023 година и следните години се практично исти како оние од анкетата во првиот квартал… Ќе мора да се подготвиме за високи нивоа на инфлација“, вели истражувачот на „Ифа“, Никлас Потрафке.

Испитаниците – во анкетата на крајот на јуни и почетокот на јули учествуваа 1.405 економисти од 133 земји – очекуваат дека годинава инфлацијата во САД ќе биде 4,6 отсто, во Велика Британија 7,6 отсто, во Германија 5,8, во Ирска 5,5, а во Канада 4,4 отсто.

Во западна Европа таа би требало да изнесува 4,9%, 13,5% во источна, 7,9% во јужна и 7,5% во северна Европа.

Се проценува дека 4,5% инфлација ќе има во северна Америка и 4,8% во југоисточна Азија.

Постои уверување дека инфлацијата во 2024 година ќе биде 3,4% во западна Европа, 9,5% во источна, 5,8% во јужна и 4,8% во северна Европа.

Следната година економистите предвидуваат дека во Америка ќе има 3,5% инфлација и 3,9% во југоисточна Азија.

За 2026 година предвидена е инфлација од 2,6% за западна Европа, 7,0% за источна, 4,1% за јужна и 3,5% за северна Европа.

Во Америка таа треба да изнесува 2,7 отсто, а во југоисточна Азија 3,6 отсто. Највисоки стапки се очекуваат во Јужна Америка (23,3, 15,7 и 9,3 отсто во 2023, 2024 и 2026 година) и во Источна Африка (109,9, 32,9 и 21,6 отсто) и Северна Африка (63,9, 50,0 и 29,1 отсто).