Како што и најави Европската Унија, така вчера беше одложено воведувањето на таканаречениот систем ETIAS, што подразбира дека жителите кои пристигнуваат во ЕУ од трети земји ќе треба да платат седум евра по лице за влез. Оваа дозвола ќе важи три години и со неа ќе може да се посети секоја од 26-те земји членки на Шенген.

Овој услов ќе важи за сите британски и американски посетители, но и за граѓаните од С. Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.

Таксата ќе се плаќа преку специјални веб-страници или апликација, а самата процедура би требало да трае до четири недели, пренесе „Шенген виза инфо“.

Плановите за воведување на ETIAS се во сила веќе неколку години, а неговата цел е да се воспостави подобар систем за надзор на шенгенските граници преку претходна проверка на патниците.

„Шенген“ ги вклучува повеќето земји-членки на ЕУ, но и земји како Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.

Според првите најави, еквивалентот на американскиот систем ESTA требаше да стапи на сила од мај 2023 година, но неговата примена е одложена за ноември, по што сите посетители на возраст од 18 до 70 години кои пристигнуваат во ЕУ од странство ќе мора да поднесат барање за престој во рамките на Шенген и да го платат.