Франс Тимерманс: Турција продолжува да се оддалечува од европските вредности

Заменик-претседателот на Европската комисија Франс Тимерманс ја предупреди турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) да се придржува кон демократските принципи и да ги почитува резултатите од локалните избори во земјата, соопштува Bloomberg, повикувајќи се на германското издание Spiegel.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и АКП освоија голем дел гласови на крајот на минатиот месец, но и покрај тоа партијата претрпе тешки порази, и ја загуби контролата врз двата главни града во земјата – Анкара и Истанбул. По гласањето партијата оспори некои од резултатите, иако сеуште се очекува одлуката на централната изборна комисија во земјата.

“Турција се оддалечува од европските вредности со голема брзина во последниве години. Се надеваме на фактот дека АКП ќе ги почитува резултатите од изборите, за да не ја влоши дополнително состојбата “, рече Тимерманс.

Неотуѓиво е правото на секоја партија да ги провери изборните резултати, ако има оправдани сомневања, изјави Тимерманс, кој е и водечкиот кандидат на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) за европските избори. “Сепак е важно турските власти да можат самостојно да ги проверат резултатите од изборите и АКП конечно да признае резултатите”, додаде тој.

По гласањето минатата недела АКП остана водечка политичка сила со вкупна поддршка од над 44%. Сепак постои слабеење на популарноста на власта во поголемите градови, откако четири од петте најголеми градови во земјата се ориентираат веќе кон опозицијата.