Во понеделникот Европската унија го продолжи бесцаринскиот увоз на земјоделски производи од Украина за уште една година, со можност за автоматско воведување царини за некои производи во случај на поголемо нарушување на пазарот.

На 23 април, Европскиот парламент гласаше за продолжување на увозот без царина, а Советот ја донесе конечната одлука во понеделникот, пренесува Хина. Во јуни 2022 година, ЕУ ги суспендираше царините за украинските земјоделски производи за да и помогне на земјата да се одбрани од руската агресија. Сега бесцаринскиот режим е продолжен до 5 јуни следната година, со воведени одредени ограничувања.

Новата регулатива воведува безбедносен механизам кој ќе и овозможи на Комисијата да дејствува брзо во случај на големи нарушувања на пазарот на една или повеќе земји-членки. Доколку увозот на одредени производи како живина, јајца, шеќер, гриз, пченка и мед го достигне просекот за периодот од 1 јули 2021 до 31 декември 2023 година, автоматски ќе се воведат царините. Ограничувањата беа воведени како одговор на незадоволството на земјоделците во Европа.