ЕУ и Кина постигнаа спогодба да се преполови извозот на кинески хибридни и приклучни хибридни возила во Европа, соопшти комесарот за трговија Марош Шефчович по преговорите во Пекинг.
Шефчович отпатува во Кина за да води преговори со својот кинески колега, додека Брисел се обидува да го запре наглиот раст во увозот, што уделот на кинеските марки на пазарот во Европа го зголеми на близу 10 проценти.
„Далеку сме од завршеток. Тоа е клучен прв чекор, но е само прв чекор,“ изјави Шефчович пред новинарите.
ЕУ и Кина исто така договорија да на ЕУ ѝ се олесни пристапот на кинескиот пазар и да се поедностави издавањето дозволи од Пекинг за извоз на ретки земјени руди, кажа Шефчович.
Здружението на европски производители на автомобили АЦЕА го поздрави договорот како позитивен чекор во насока на олеснување на трговската затегнатост меѓу ЕУ и Кина. „Ненадејниот и брз раст“ во ивозот на приклучни хибридни и обични хибридни автомобили го наруши европскиот пазар, објави АЦЕА во соопштението.
Германското автомобилски здружение ВДА исто така го поздрави договорот, но посочи дека уште е рано да се оцени, дали тоа ќе биде доволно да се спречи нееднаквата конкурентност.
„Конечната процена на договорот ќе биде можна само откако ќе бидат познати поединостите, условите и влијанијата врз автомобилската индустрија,“ порача претседателката на ВДА, Хилдегард Милер.
Во првите осум месеци, кинеските марки предводени од САИЦ (МГ) и Би Уај Ди ја удвоија продажбата во Европа, со 913.703 возила и пазарен удел од 9,9 проценти.
Нивниот удел само на пазарот на приклучни хибриди порасна од 11 проценти во истиот период лани, на 29 проценти годинава. Кај обичните хибриди, уделот на Кинезите се зголеми од седум на 15 проценти.
Кинеските производители на автомобили го префрлија својот извоз на хибриди и приклучни хибриди, откако ЕУ воведе царини во висина до 45,3 проценти за увозот на електрични автомобили што се произведени во Кина.
ЕУ и Кина се наоѓаат на кревка точка во своите економски односи. Европските лидери се загрижени околу трговскиот дефицит кој надминува 1 милијарда евра дневно и сакаат Кина да престане да го преплавува континентот со субвенционирани, евтини производи кои ги еродираат локалните индустрии. Доколку преговарачите не покажат напредок наскоро, ЕУ ќе размислува за нови овластувања кои би ѝ овозможиле да го блокира пристапот на Кина до пазарот.
„Дојдов овде со една јасна цел: Да го започнам ребалансирањето на трговската врска меѓу ЕУ и Кина”, рече Шефкович во Пекинг. „Трговскиот дефицит е планина од предизвици за Европската Унија.”