Владите на земјите членки на Европската унија во 2025 година издвоија вкупно 130,2 милијарди евра за истражување и развој, што одговара на 0,69 отсто од бруто домашниот производ на ЕУ, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Во споредба со 2024 година, кога за оваа намена биле предвидени 127,14 милијарди евра, издвојувањата се зголемени за 2,4 отсто.

Растот е уште поизразен ако се погледне подолг временски период. Во 2015 година буџетските средства за истражување и развој изнесувале 81,14 милијарди евра, што значи дека за една деценија се зголемени за 60,5 отсто.

На ниво на Европската унија, буџетските издвојувања за истражување и развој во 2025 година изнесувале во просек 288,9 евра по жител. Тоа е за 57,7 отсто повеќе во однос на 2015 година, кога просекот бил 183,2 евра по жител.

Меѓу земјите членки убедливо води Луксембург, каде што од државниот буџет биле издвоени 917,2 евра по жител. Следуваат Данска со 627,1 евро и Германија со 553,5 евра по жител.

На дното на листата е Романија со само 18,8 евра по жител. Ниски издвојувања се регистрирани и во Унгарија, со 57,4 евра, како и на Малта, со 73,7 евра по жител.

Податоците се однесуваат на државните буџетски средства за истражување и развој, познати како GBARD, кои ги опфаќаат средствата што владите ги планираат за финансирање научни истражувања, технолошки развој и иновации.

Во споредба со 2015 година, Романија е единствената членка на ЕУ што забележала пад на буџетските издвојувања за истражување и развој по жител. Средствата се намалиле за 9,6 отсто, од 20,8 на 18,8 евра по жител.

Сите останати земји членки забележале раст, кој се движи од 14,7 отсто во Шведска до дури 495,5 отсто во Бугарија. Таму издвојувањата се зголемиле од 15,5 на 92,3 евра по жител.

Најголемиот дел од европските буџети за истражување и развој, односно 37,3 отсто, бил насочен кон општиот развој на знаењето преку јавните универзитетски фондови. Дополнителни 18,4 отсто биле наменети за развој на знаењето од други извори, 9,5 отсто за индустриско производство и технологија, 6,7 отсто за здравството, а 5,8 отсто за истражување и развој во областа на одбраната.