ЕУ со поддршка на малите и средни компании, поттикнување на иновативноста и технолошкиот развој

Секторската работна група за конкурентност и иновации, за ИПА 3-програмата на ЕУ, предводена од  заменичката на претседателот на Владата за економски прашања, Мила Царовска,  денеска одржа онлајн работен состанок со претставници на меѓународните институции – донатори на средствата наменети за оваа програма.

Станува збор за нов циклус на програмата за донаторска помош од ЕУ од 2021 година, којшто се однесува на поттикнување на претриемништвото, поддршка на малите и средни претпријатија, олеснета трговија, дигитализација, како и поддршка на иновативноста и технолошки развој.

Вицепремиерката Царовска во своето воведно излагање рече дека Владата во својата Стратегија за приоритет го смета индустрискиот раст и развој, јакнењето на домашните бизниси и новите иновативни идеи, како и продолжување на директните инвестиции кои имаат значајно учество во економскиот раст и развој на државата. Владата ќе биде посветена за спроведување на потребните реформи за унапредување на бизнис-климата и обезбедување подобри услови за сите компании, особено малите и средните фирми, а поддршката од ЕУ е добродојдена за исполнување на потребните критериуми и усогласување на домашното законодавство со европското, пред сè во насока на отворање на преговорите за членство во Унијата.