Европската централна банка (ЕЦБ) денеска ја зголеми референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени на четири отсто.

Ова е највисокото ниво на основната каматна стапка за еврото од финансиската криза во 2008 година. Зголемена е и каматната стапка на депозитните капацитети на 3,5 отсто, што е највисоко ниво во последните 22 години.

Еврозоната влезе во техничка рецесија откако БДП падна во првиот квартал по претходниот пад во последниот квартал од 2022 година, ЕЦБ сепак ги зголеми каматните стапки осми пат по ред.

Зголемувањето на основната каматна стапка за четири процентни поени за само една година е невидено монетарно затегнување во еврозоната.

На прес-конференција по состанокот на Управниот совет на ЕЦБ, претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард навести дека и во јули може да се очекува зголемување на каматните стапки.

Инфлацијата во еврозоната во мај изнесува 6,1 отсто, а базичната инфлација, кога се исклучени цените на храната и енергијата, изнесува 5,3 отсто. И двата показатели се далеку над целта на Европската централна банка од два проценти.

ЕЦБ ги зголеми очекувањата за инфлација, па затоа очекуваат просечната инфлација да биде 5,4 отсто во 2023 година, а наредната година да се намали на три отсто и 2,2 отсто во 2025 година.

Тие ги ревидираа надолу проценките за движењето на БДП на еврозоната за оваа и следната година и очекуваат раст од 0,9 отсто во 2023 година, а 1,5 отсто во 2024 година и 1,6 отсто во 2025 година.

Зголемувањето на референтната каматна стапка на ЕЦБ се прелева на сите други каматни стапки за евра. Една од најважните такви каматни стапки е Еурибор, кој се користи и при индексирање на кредитите одобрени во Македонија, пред се станбените.