_80669951_461890950Осцилациите на кинеските берзи можно е да имаат посилно влијание врз кревката економија на еврозоната од првично очекуваното, а закрепнувањето може да го закочи и подигнувањето на клучните каматни стапки во САД, заклучија официјалните лица на Европската централна банка (ЕЦБ). Економското закрепнување во еврозоната е умерено и постепено и од ЕЦБ сметаат дека е разочарувачко, покажува објавениот записник од состанокот на управниот совет на банката, одржан на 15 и 16 јули

Се уште постои ризик дека растот ќе биде послаб од прогнозираниот, истакнуваат од ЕЦБ. Според мислењето на главниот економист на банката и членот на извршниот одбор Peter Praet, ЕЦБ мора да продолжи да и сигнализира на јавноста дека тие се подготвени да ги користат сите расположливи инструменти во сегашнато предизвикано опкружување.

“Во првиот план е негативното влијание на развојот на настаните на финансиските пазари во Кина кое може да биде поголемо отколку што претходно се очекуваше, со оглед на значајната улога на земјата во глобалната трговија,” стои во записникот.

Од банката се осврнуваат на остриот пад на цените на кинеските акции во текот на минатиот месец, кога индексот на Шангајската берза за месец дена се намали за повеќе од 20 проценти.

“Овој ризик може уште повеќе да ги зголеми негативните индиректни последици од подигнувањето на клучните каматни стапки во САД за економиите во развој”, додаде тој.

Активностите на кинеската економија успоруваат и слабоста се рефлектира во намалувањето на извозот, млаката домашна побарувачка и ладење на пазарот на недвижности.

За разлика од проблемите во Кина и анемичното европско опоравување, американската економија се стабилизира и се очекува ФЕД во септември да ги зголеми клучните каматни стапки.

Анализирајќи ја сопствената 60 милијарди месечно вредна програма, ЕЦБ забележува дека нејзината имплементација се одвива според планираното и дека инфлацијата во еврозоната укажува на можноста за постигнување на среднорочната зацртана инфлација од нешто помалку од два проценти.

ЕЦБ предупреди дека програмата мора да биде целосно имплементирана. Според официјалното соопштение, треба да се спроведува до септември следната година. Ефектите од нејзиното спроведување за сега ги засенува падот на цените на производите, како што се нафтата и железната руда, како и намалениот економски раст на Кина.