Доларот денеска благо зајакна во однос на кошничката водечки валути, додека еврото падна при тргувањето во Азија, бидејќи берзите се нервозни поради тензиите во Украина и можното поагресивно зголемување на референтната стапка на Федералните резерви (ФЕД) на оваа неделна сесија.

На крипто-пазарот, биткоинот се тргува блиску до шестмесечен минимум, што е дополнителен знак на паника кај инвеститорите кои се обидуваат да се „извлечат од ризичните средства“.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошницата од шест главни ривали, порасна за 0,11 отсто, а еврото потона за 0,19 отсто на 1,1319 долари, објави Ројтерс.

Доларот зајакна во однос на јапонскиот јен за 0,1 отсто на 113,8 јени.

Тензиите во Украина ескалираат со месеци бидејќи Западот тврди дека Кремљ се подготвува за војна и собира војници во близина на границите на земјата за да ја спречи Украина да се приклучи на НАТО. Стејт департментот во неделата објави дека им наредил на членовите на семејствата на американските дипломати да ја напуштат Украина.

На пазарите на криптовалути, биткоинот изгуби 3,4 отсто од својата вредност и се тргува за околу 35.000 долари, откако во саботата го достигна најниското ниво од јули 2014 година од 34.000 долари. Цената на најголемата криптовалута во светот е преполовена во однос на максимумот од 69.000 долари постигнат во ноември минатата година.

Трговците велат дека институционалните инвеститори се обидуваат да ја намалат својата изложеност на криптовалути, но и на други ризични средства, како што се акциите.

Распродажбата им наштети на повеќето дигитални валути, а етерот, втората најсилна виртуелна монета во светот, падна на 2.440 долари во саботата, што е најниско ниво од јули минатата година.

Инвеститорите наведуваат дека продажбата на ризични средства се должи на зголемените очекувања дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки значително повеќе отколку што пазарот процени пред еден месец.