usd_chfЕврото во четвртокот на меѓународните девизни пазари ослабна во однос на доларот од највисокото ниво во месец дена, додека швајцарскиот франк зајакна во однос на еврото, откако Швајцарската централна банка ги задржа каматните стапки на рекордно ниско ниво.

Еврото се тргуваше по 1,0975 $, што значи пад од 0,5 проценти во споредба со крајот на тргувањето од претходниот ден. Се уште се држи во близина на највисокото ниво за еден месец од 1,1044 $, што во еден момент го достигна во средата.

Европската валута се спушти на 1,08 швајцарски франци, на најниско ниво во недела дена, по објавувањето на одлуката на Швајцарската централна банка да не ги промени каматните стапки.

ЕЦБ ја олабави монетарната политика, но не до степен до кој учесниците на пазарот предвидуваа и еврото зајакна а се отстранија и притисоците врз Швајцарската централна банка да преземе нови чекори и да го ослабне франкот, објаснуваат аналитичарите.

Швајцарската централна банка изрази подготвеност да интервенира на девизните пазари со цел да го ослабне франкот, кој го сметаат за значително преценет.