Финскиот град Лахти, овгодишна зелена престолнина на Европа, ја искористи својата прекрасна местоположба покрај езеро за да постави микро-канцеларии за вистинско работење од далечина од околните шумски предели.

Проектот е создаден во соработка со студенти од Институтот за дизајн и уметност при Универзитетот LAB за применети науки, потоа креативната агенција TBWA\Helsinki и локалното дизајнерско студио Upwood.

„Канцелариите“ се состојат од работен простор т.е. „биро“ закачено на дрво, со доволно место за лаптоп, нотес, како и специјални држачи за мобилен телефон и чаша кафе.

Некои од микро-канцелариите се наоѓаат далеку во дивината, додека пак други се во паркови блиску до цивилизацијата.

Тие се бесплатни за користење, по принципот на „прв дојден – прв услужен“. Меѓутоа, добра интернет поврзаност не е гарантирна, а нема ни приклучок за електрична енергија. Секој треба да си донесе своја столица.

Овие фактори, иако ограничувачки, од друга страна ќе осигураат дека некои луѓе нема да останат предолго, односно ќе овозможат поголема ротација на корисници.

Инсталациите се очекува да издржат до првите големи снегови, а потоа ќе бидат обновени на пролет.

Интерес за вакви микро-канцеларии во природа пројавиле и повеќе други градови во Финска, како и музеј во Шведска.