Три нафтени компании од кумановско- липковскиот регион со фиктивни фактури сакале по основ на поврат на ДДВ да испумпаат од буџетот над 2, 6 милиони евра. Управата за јавни приходи објави детали за шемата на овие правни лица, преку која се обиделе да нанесат штета на државната каса, која ја полнат и граѓаните и фирмите.  УЈП  утврдила и дека направиле и затајување на данок на личен доход во износ од над 300 илјади евра. Сите биле регистрирани како трговци со нафта и нафтени деривати, а за тоа немале лиценца, бензиски пумпи, ниту пак складишта за чување,  само лажни фактури дека купувале нафта и нафтени деривати. Кога започнала  истрагата ја промениле и сопственичката структура. Кај првата компанија потоа како сопственик и управител се јавува државјанка од Хрватска, а кај другите две државјанин од Косово.

-Кај првиот и третиот даночен обврзник  првиот  сопственик  и управител пред промената и пред да  се назначи нов управител било исто лице  кое во 2023 година го променило  и презимето од семејни причини, а овластен сметководител на двете правни лица е едно исто правно лице, изјави  директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Од УЈП сите докази од проверките  ги  доставиле и до истражните органи. Од Управата уверуваат дека поради навремената реакција, спречен е финансиски удар врз државниот буџет.

–  УЈП има доставено писмена пријава до МВР и ОЈО на 15. 11. 2023,  а исто и до Управата за финансиска полиција доставено писмена пријава и известување со прилог докази на ден 01.12 . 2023 година. Нема штета на буџетот, заради навремена интервенција, додаде Лукаревска 

И добавувачите биле контактирани од страна на УЈП. Биле прашани дали знаат дека постојат фиктивни фактури на кои стои нивното име и лого,  но според објаснувањата од страна на инспекторите на ова прашање тие само се насмевнале. Проверките на правните лица УЈП почнала да ги прави  уште во 2020 година.