Три компании се најдоа под истрага за злоупотреба на државна помош поради неисплатени плати, а 16 ги замрзнаа проектите за кои добиле грантови од Фондот за иновации. Компании од ИТ секторот, електро индустријата и текстилот кои беа на списокот на добитници, сега чекаат подобри времиња за нивните проекти.

Од Фондот велат дека пандемијата, забавениот транспорт и спуштените рампи меѓу државите, првично ја стопирале работата на дури 23 компании.

„Времето играше голема улога во имплементацијата на нивните проекти. Со појавата на Ковид19 дојде и до потешкотии при набавкта на опрема. Ако претходно се чекало два месеца опремата да стигне во Македонија, сега се чека од четири до пет месеци. Но не е само да ја добиеш опремата. Потребен ти е кадар, најчесто странски, кој доаѓа и помага во имплементирањето на опремата, во одредени обуки на вработените.“ – изјави Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Стопирањето на проектите не значи и загубени срдства, уверуваат од Фондот. Милионите државни пари не завршуваат одеднаш на сметките на приватните компании. Се исплаќаат квартално, откако две ревизорски куќи ангажирани од Фондот, ќе дадат зелено светло за веќе сработеното. Тие што стопирале со работа, стопирана е и исплатата на парите.

Но Фондот, кој пред неколку години го тресеа сканадали за делење на проекти по партиски клуч и сега го одвлече вниманието на медиумите. Три компании добитници на проекти се најдоа на списокот на Владата за злоупотреба на државна помош поради неисплатени плати.

„Веднаш штом беше објавена листата од страна на Владата, Фондот ги прекина активностите, додека се истражи целата ситуација. Кај нас имаме странски комитет за одобрување на инвестициите, така што тој Комитет веднаш бил известен за настанатата ситуација. Им била побарана соодветна документација, со цел да се потврди дали е направена злоупотреба. По одредено време овие компании доставиле документација дека се исплатени платите и соодветни уверенија од УЈП. И Комитетот донесе одлука да се продолжи со постоечките активности на компаниите.“ – изјави Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Во портфолиото на Фондот се бројат 559 проекти. Фондот во нив инвестирал 43 милиони евра, а околу 33 милиони се влог на самите компаии. Анализите покажале дека вложените пари се враќаат. Компаниите го зголемиле профитот, уплатите на даноци во буџетот, како и бројот на вработени, а просечната плата надминала 40 илјади денари.