Фондот иницираше измени во годишната програма за работа, со проширување на износот за финансирање на повиците за технолошки развој од иницијалните 2 на 5,5 милиони евра, поради големиот интерес на компаниите за финансирање, квалитетот на доставените инвестициски планови, како и првичните резултати од процесот на евалуација. 

Комитетот за одобрување на инвестиции на ФИТР заврши со евалуацијата на 366 проектни апликации доставени во рамките на јавниот повик за комерцијализација на иновации, што го финансираат Владата и Светска Банка.

Комитетот првично одлучи дека 30 проектни апликации се подготвени за одобрување на ко-финансирање со кои се исцрпува 99% од предвидениот буџет на повикот односно 4, 94  милиони евра. Овие компании предвидуваат примарни инвестиции во вкупен износ од над 7 милиони евра, од кои 2, 32  милиони се сопствено учество на апликантите. 90% од овие компани се нови корисници, додека 10% се компани кои биле одбиени на претходни повици на ФИТР, а сега повторно аплицирале со подобрени проекти.

„Имајќи го предвид големиот интерес на компаниите за финансирање, квалитетот на доставените инвестициски планови, како и првичните резултати од процесот на евалуација, Фондот достави до Владата  иницијатива за проширување на буџетот за финансирање за програмата за комерцијализација на иновации. Со оваа иницијатива, се очекува бројот на компании што би добиле поддршка за реализација на предвидените инвестиции во рамки на овој повик најмалку двојно да се зголеми. “, изјави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

За 137 од оценуваните компании Комитетот за одобрување на инвестиции констатирал дека предложените предлог проекти соодветствуваат со целите и условите на програмите на Фондот наменети за технолошки развој (набавка на нова, современа опрема) и истите можат да бидат разгледани за ко-финансирање во рамки на тие инструменти на ФИТР. Согласно ова, Фондот иницираше измени во годишната програма за работа, со проширување на износот за финансирање на повиците за технолошки развој од иницијалните 2 на 5,5 милиони евра. Дополнително, со цел олеснување на пристапот до финансирање за оваа група компании, Фондот веќе работи на промени на процедурите и воведување т.н. „fast track“ процедура за аплицирање. Со оваа процедура, сите компании што во рамки на овој или предходните повици стигнале до фаза на финална селекција да имаат право да аплицираат на наредниот повик со ист или подобрен проект и да влезат директно во фаза на финална селекција.

За останатите проектни апликации, Комитетот за одобрување на инвестиции изготви соодветни коментари и препораки кои ќе им бидат доставени на секој апликант поединечно. И оваа група компании е предвидено да има пристап до новата процедура за аплицирање со следниот повик на Фондот.

ФИТР во наредниот период ќе спроведе и истражување на ставовите и мислењето на апликантите во однос на програмата, процедурите за реализација на јавните повици, квалитетот на услугите на Фондот и надворешните соработници во процесот, со цел натамошно унапредување на процесот и натамошно зголемување на бројот на успешни апликанти.

„Јавниот повик за комерцијализација на иновации заврши на 15 мај 2019г. Аплицираа 487 компани кои побаруваа 70 милиони евра. Во фазата на финална евалуација влегоа 366 апликации, што го поминаа процесот на административна проверка и претселекција спроведен од 97 домашни стручни лица. Конечната одлука ја носи Комитетот за одлучување на инвестиции кој го сочинуваат 5 странски експерти, именувани од Владата по пат на меѓународен конкурс. Оценувањето на проектите се врши врз основа на 5 критериуми: степен на иновативност, квалитет на апликација, капацитет на проектен тим, проценка на пазар и влијание.“, објасни Деспотовски.