Американската автомобилска компанија Ford соопшти дека ќе укине 7.000 работни места во администрација, што е околу 10% од нејзината вкупна глобална работна сила со фиксни примања.

Компанијата се одлучи на ваков чекор како дел од напорите да ги намали трошоците, а според пресметките, заштедата би изнесувала околу 600 милиони долари годишно.

Вработените од денеска ќе почнат да примаат известувања за најавените отпуштања, а целиот процес би требало да заврши до крајот на август.

Во Северна Америка оваа мерка ќе засегне околу 2.400 работни места во Ford.

Извршниот директор на Ford Џим Хакет во мејлот до вработените напиша дека укинувањата на работните места ќе се реализира со доброволни заминувања и отпуштања.

„За да успееме во оваа конкурентна индустрија и со цел да го позиционираме Ford кон победа во иднината што забрзано се менува, мора да ја намалиме бирократијата, да ги зајакнеме менаџерите, да го забрзаме процесот на носење одлуки, да се фокусираме на највредниот дел од работата и да ги намалиме трошоците“, напиша Хакет во мејлот.