Париз ќе работи на изборот на својот најпосакуван кандидат за шеф на Комисијата, отворајќи го патот за Јенс Вајдман да биде прв човек на банката 

Франција планира да ги фокусира своите напори за избор на својот најпосакуван кандидат за претседател на Европската комисија, оставајќи ја зад себе функцијата гувернер на Европската централна банка (ЕЦБ). Овој потег би можел да го отвори патот за германски наследник на Марио Драги, објави Блумберг.

Пред претстојниот самит на ЕУ за врвни лидери на клучните институции на блокот, висок официјален претставник од Франција рече дека неговата земја е повеќе загрижена за тоа кој ќе ја води Европската комисија, бидејќи има клучна улога како што се климатските промени, социјалната политика и миграцијата. Од друга страна, ЕЦБ веќе користеше голем дел од политичките инструменти на располагање, рече официјалното лице, сакајќи да остане анонимен.

Франција не инсистира на француски кандидати, но приоритет е да работи за нов претседател на Комисијата кој ги дели амбициите на владата за ЕУ, соопшти изворот.
Германскиот весник Die Zeit објави интервју со гувернерот на Бундесбанк, Јенс Вајдман кој даде уверување за посветеност “да направи се што е потребно за да се заштити еврото“.

Нејасниот однос на Вајдман кон т. н. Политика на Директни монетарни трансакции (Outright Monetary Transactions), или посветеноста на ЕЦБ кон неограничените купувања на државни хартии од вредност во случај на систематска закана за валутниот блок, е еден од клучните моменти во стремежот да ја раководи банката.

Иако официјално владата на Ангела Меркел го поддржува Манфред Вебер за претседател на Европската комисија, голем број официјални претставници во Берлин и Брисел изјавија дека таа би била подготвена да се откаже од него во замена на раководното место во ЕЦБ. Кандидатурата на Вебер предизвика незадоволството на голем број земји членки на ЕУ, а наведените причини се движеа од недоволно искуство до недостаток на познавање на француски јазик.

Францускиот претседател Емануел Макрон често ги истакнуваше квалитетите на еврокомесарот за конкуренција Маргрете Вестагер, која е официјален кандидат на либералната алијанса за претседател на ЕК. Владите на централно-левичарите, кои му се спротивставуваат на Вебер и официјално го поддржуваат холандскиот кандидат Тимерманс за функцијата, исто така, ја изразија својата поддршка за Вестагер.

“Маргрете Вестагер има добро искуство во извршната власт од страна на владата во Данска и, исто така поседува добро искуство во извршната власт во Комисијата”, изјави португалскиот премиер Антонио Коста минатиот месец. “Таа не е мој кандидат, но исто така мислам дека ги исполнува критериумите”, додаде тој.

Влади на земјите членки ќе се состанат денес во Брисел за да разговараат за кандидатурите за следен претседател на Комисијата, како и за претседател на Европскиот совет, за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и за гувернери на ЕЦБ. И четирите функцијата ќе бидат објавени подоцна оваа година, што ги зголемува влоговите во политичката трка, постигнувањето на географска рамнотежа и институционалното покажување на мускули, забележува Bloomberg.