Франција уништила и прековала 27 милиони монети бидејќи оригиналниот дизајн не бил одобрен од Европската унија (ЕУ), пишува денеска порталот Политико.

Државната кованица ковала монети од 10, 20 и 50 евроценти во ноември со нова шема, но подоцна било утврдено дека начинот на кој се распоредени ѕвездите на знамето на ЕУ не одговара на прецизните барања на Европската комисија, додава порталот.

Според правото на ЕУ, земјите можат да го менуваат дизајнот на „националниот лик“ на монетата евро на секои 15 години, но за тоа им треба зелено светло од Комисијата, како и од другите земји-членки на еврозоната, кои мора да бидат информирани и имаат рок од седум дена да го кажат своето мислење.

Франција формално ја извести Комисијата во ноември, пред да испрати официјално барање за одобрување на дизајнот, но ковачницата почна да работи пред одобрението од ЕУ, додаде Политико.

Париз потоа доби неформално предупредување од Европската комисија дека новиот дизајн не е во согласност со правилата на ЕУ, објави порталот, повикувајќи се на неименувани извори од француското Министерство за економија.

Од прес-службата на Комисијата одбија да ја коментираат неформалната дебата со Франција, но потврдија дека трезорот на таа земја официјално го доставил правилниот дизајн на 12 декември, а поддршката пристигнала на 21 декември.

Дизајнот на новите монети, предложени од француската влада и одобрени од Европската комисија, сè уште е тајна и нема да биде познат пред пролетта, додава француското Министерство за економија за Politico.