Двајца сопственици на УНИБанка имале офшор компании на Британските девствени острови, открива истражувачкиот веб сајт „bird.bg” од Бугарија. Станува збор за Ивајло Мутафчиев и Цеко Тодоров Минев кои имаат по 36,45% од сопственоста на УНИ банка која работи во Македонија.

Двајцата се квалификувани акционери. Повикувајќи се на документи од Пандора, бугарските банкари имале регистрирано офшор компании преку Тридент од Британските девствени острови. Фирмите поврзани со нив земале кредити од Првата инвестициска банка, банка во Бугарија во која исто така сопственост имаат Мутафчиев и Минов.

Во истражувањето е откриено дека покрај нивните фирми, кредити од банката земале и оф шор компании кои се во сопственост на кипарски Грк, а се поврзани со истите бугарски банкари.

Од ПИБ реагираа на наводите од новинарското истражување, велејќи дека станува збор за постари и веќе познати информации за проблематичното работење на банката пред петнаесетина и повеќе години, а не за нови откритија.

Пандора документите, последниот проект на новинарскиот истражувачки конзорциум открива многу политичко-бизнис шеми со оф шор компании низ целиот свет. За Македонија е наведено дека има две оф-шор фирми поврзани со сопственици од Македонија, но други детали не се наведени.