Комората на геодетски друштва реагира на „неразумното“ поскапување на катастарските тарифи, кои како што вели претседателот Никола Рибароски, максимално им ја отежнале работата и на нотарите, адвокатите и на сите граѓани што ги користат услугите на АКН

За практично неупотреблив геодетски податок за координати на геодетска точка, по најновото зголемување на цените, сега геодетските друштва наместо 67 денари, на Агенцијата за катастар ѝ плаќаат фрапантни 409 денари!

Ова е само еден од доказите за, според Комората на геодетски друштва, „неразумното“ поскапување на катастарските тарифи, кои како што вели претседателот Никола Рибароски, максимално им ја отежнале работата не само ним, туку и на нотарите, адвокатите и на сите граѓани што ги користат услугите на АКН.

Геодетите веќе побарале ревизија на Тарифникот, а доколку нема никаков одговор од властите, се закануваат со радикализација, која ќе предизвика целосен колапс на катастарското работење и блокирање на работата на сите градилишта.

– На 19 ноември стапија на сила неколку нови тарифници за висина на надоместоците што ги наплаќа Агенцијата за Катастар, а во кои услугите се зголемени за 100, 200, па 500 проценти. Досега за податоците за еден геодетски елаборат плаќавме 750, а со зголемувањето ќе чини 1.552 денари. Нашата анализа покажа дека ако досега просечно, годишно за 150 предмети, геодетско друштво имало трошоци од над 111 илјади, сега трошокот ќе се искачи на 232 илјади денари. И додека Катастарот енормно ги зголемува своите приходи, од 2019 година нема одговор на нашето барање за корекција на цените на геодетските услуги – објаснува Рибароски.

Цените на геодетските услуги, не се зголемени од 2013 година, иако досега реалните трошоци се енормно зголемени, но уште поголем проблем е и фактот дека многу често електронските системи на АКН не работат, иако и за тоа редовно се наплатува.

– Со ова приватните компании се спречени да ги извршуваат своите секојдневни работни задачи – потенцира претседателот на КГД.

Од Комората ја поздравија одлуката на Антикорупциската комисија, која утврди дека постои судир на интереси и влијание од Агенцијата за катастар врз Комората, бидејќи е оневозможен избор на независни членови во Управниот одбор на Комората.

– Антикорупциската комисија дава препорака за итна промена на Законот за катастар на недвижности што го пропишува УО на Комората – посочи Рибароски.

Во земјава има 140 геодетски друштва и тие за проблемите во нивното деловно опкружување го известиле дури и премиерот Димитар Ковачевски.