Германската влада објави прекин на сегашната помош за малите претприемачи поради загуби предизвикани од мерките против ширење на вирусот.

„Ние, секако, не можеме да дистрибуираме толку обемна помош заснована на промет на неодредено време“, рече министерот за економија Питер Алтмајер во понеделникот за Дојчланд радио.

Координаторот на т.н. корона-кабинет Хелге Браун за весникот „Ханделсблат“ изјави дека државата не е трајно способна да финансира помош заснована на промет остварен во истиот период минатата година.

„Прометот не може да биде единствениот критериум“, рече Браун.

Германската влада плаќа до 75 проценти од прометот остварен во истите месеци минатата година за претприемачи погодени од мерките за ноември и декември, а тоа се претежно угостителски и културни објекти, пренесува SEEbiz.

Вчера беа објавени детали за студијата на Институтот за германска економија (ИВ), која покажува дека државата плаќа до 10 милијарди евра повеќе од потребното на овој начин, поради непрецизниот однос кон фиксните трошоци на претприемачите.

Студијата заклучува дека некои помали претприемачи прават финансиски подобри резултати отколку кога можеа да работат нормално.

Браун рече дека сепак ќе има „помош за економијата“, но дека буџетските модалитети мора да се променат.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк