Германската Бундесбанка смета дека плаќањата во готовина нема да исчезнат во догледна иднина и дека е добро потрошувачите да имаат алтернатива за дигиталните плаќања- стои во заклучокот на студијата „Кеш на иднината“, нарачана од Бундесбанк. Студијата ги анализира предностите и недостатоците на можните идни сценарија, пишува Дојче Веле.

Првото сценарио, „Хипердигитален свет на плаќања“ предвидува дека готовината речиси целосно ќе исчезне од оптек, а второто очекува луѓето да ги отфрлат дигиталните облици на плаќање поради заканата од хакерски напади и уништување на приватноста.

Најверојатна опција е „Постепено исчезнување на хибридниот начин на плаќање“, според кој и двата начина на плаќање ќе постојат во догледна иднина, иако безготовинското ќе биде се повеќе застапено, пренесува Танјуг.

За Бундесбанката и за еврозоната е сосема јасно дека во иднина треба да постои и готовина, изјави претседателот на Бундесбанката Бурхард Балц.

Неговото мислење е поддржано од финансискиот експерт на Центарот за заштита на потрошувачите Нилс Наухојзер.

-Со дигиталните плаќања луѓето откриваат многу за себе и за своите навики, а сите нивни податоци остануваат во виртуелниот свет и многу тешко се бришат, а секогаш постои опасност овие информации да паднат во погрешни раце, истакна Наухојзер.