Преку 50 отсто од компаниите во земјава кои се извозно ориентирани и чија трговска размена е главно со Германија и ЕУ, очекуваат дека годинава ќе биде потешка од минатата, покажа анкета споведена од Прокредит банка, во која се опфатени поголеми компании од различни индустрии. Но, покрај цената на енергијата и на материјалите, каде што земјава, објективно, може малку да направи, најголемиот процент на компании како главни ризици во нивното работење ги сметаат економската политика на државата (46 отсто), недостигот на соодветна работна сила (46 отсто), правната сигурност, трговските бариери и побарувачката (по 26 отсто), инфраструктурата и логистиката (20 отсто), односно работи каде што Владата има простор да направи значајни промени.

„Еден од најголемите проблеми кои го гледаат во општеството и институциите е правниот систем и недостаток на силна борба против корупција и недостаток на работна сила, односно несоодветно струковно образование“, рече Емилија Спировска, член на Управниот одбор на единствената германска банка во земјава, Прокредит банка, презентирајќи ги наодите на анкетата.

Овие показатели, покрај другите резултати од анкетата денес беа предочени пред премиерот Димитар Ковачевски, како и министрите од економските ресори на работната средба организирана од Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и Македонско-Германското стопанско здружение на тема „Очекувањата на приватниот сектор од новата Влада во време на корона и енергетска криза“.

„Ова навистина се одговори кои што секој ден ги следиме и кои што ги слушаме од компаниите низ медиумите и на форумите на кои што присуствувам, во Минхен, во Лондон… и во другите центри каде што ја координираме нашата надворешна политика, заедно со партнерите до НАТО и од ЕУ и нормално, мерките кои тука ги правиме како влада, ги правиме врз основа на тие искуства и врз основа на нивните инпути“, им рече премиерот Димитар Ковачевски на присутните деведесетина бизнисмени од познати странски и домашни компании, меѓу кои повеќето беа од фирми со странски капитал кои работат во земјава.

„Владата е партнер со деловната заедница и само со заедничка соработка и дијалог ќе ги детектираме предизвиците за создавање подобар деловен амбиент за нови инвестиции и работни места и во услови на светска криза“, додаде Ковачевски.

Инаку, самата анкета опфати и други аспекти на работењето на компаниите во земјава, кои покажуваат дека перспективата не е црна. Така, 57 проценти од компаниите сметаат и дека оваа година индивидуално за нивниот развој ќе биде подобра од 2021 година, а 30 отсто очекуваат да биде на исто ниво со ланската. Зголемен оптимизам има и во однос на бројот на вработени, па 46 проценти од компаниите планираат нови вработувања, 46 отсто ќе останат со иста бројка на вработени и само 8 проценти очекуваат намалување на бројот на вработени.

Во однос на притисокот од зголемените трошоци со воведувањето на поголема минимална плата и зголемената просечна плата, сите компании очекуваат зголемен трошок и проценуваат дека ќе се движи главно од 10-20 отсто по вработен, а кај мал дел и над 20 отсто. Сите компании исто така очекуваат повеќе од значително зголемување на трошоците за електрична енергија, а најголем дел планираат соодветни мерки за контрола меѓу кои и укинување на трета смена, 30 отсто во инвестиции во енергетски ефикасна опрема, а најголем процент 34 отсто во инвестиции во фотоволтаици за сопствена потреба.

Оптимистичко е што 63 отсто од компаниите планираат инвестиции годинава. Од компаниите 83 отсто се изјасниле дека имаат или очекуваат последици од војната во Украина во најголем дел (48 отсто) преку зголемени цени на репроматреијали и енергенси, како и можна намалена потрошувачка.Компаниите очекуваат од Владата економска политика која ќе им даде дополнителна поддршка за справување со кризата, пред се субвенции или даночни олеснувања во однос на трошоците за енергија, посебен пакет мерки за нето извозниците и дополнителни субенции за планирани капитални инвестиции.

Ковачевски нагласи дека странските инвестиции се важни за економскиот развој на земјата, а германските инвестиции, како и европските се клучни.

„Ние сме членка на НАТО, нашата позиција е и членство во ЕУ, за инвеститорите да знаат дека имаат сигурност и предвидлив деловен амбиент, впрочем тоа е нашата предност и во однос на некои од земјите од регионот“, рече Ковачевски. Тој истакна дека минатата година се реализирани 79 отсто од капиталните инвестиции, како и дека со исто темпо се продолжува и оваа година.

„Пандемијата ги покажа слабостите и видовме дека Европа се соочи со големи предизвици кога ланците на снабдување се во далечни земји. Во Европа може да се произведуваат многу работи, а тоа значи и заштеда на трошоците. Северна Македонија тоа ќе го искористи и затоа правиме амбиент за нови инвестиции, додаде премиерот.

Тој напомена дека Владата во партнерство со сите релевантни чинители, за да се спречи ценовниот шок предизвикан од светската енергетска криза, брзо и навремено, донесе пакет од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра за да се амортизираат притисоците врз стандардот на граѓаните и да се обезбеди ликвидност на компаниите.

Ковачевски додаде дека економската соработка со сојузна Република Германија е на исклучително високо ниво и како што посочи, традиционлано оваа земја е прв трговски партнер на нашата држава, со голем број директни инвестиции.

„Неодамна Делагацијата на германското стопанство во Северна Македонија информираше за позитивните трендови и рекордно зголемување на трговската размена меѓу двете земји за минатата година во вредност од 4,7 милијарди евра, што значи зголемување од 23,6 проценти во споредба со 2020 година. Извозот од Северна Македонија кон Германија во 2021 се зголемил за 24,8 проценти во споредба со 2020 година, додека увоз од Германија во Северна Македонија се искачи од 1 милијарда евра на 1,2 милирјади евра, што претставува раст од 20,6 проценти“, рече премиерот.

На економски план, како што подвлече, Владата има три приоритети – справување со последиците од светската енергетска криза и воена криза со нападот на Русија врз Украина, економскиот развој и реализација на капитални инвестиции.

Амбасадорката на Германија во земјава Анке Холштајн истакна дека Германија е далеку најзначајниот економски партнер на земјава, и оти економијата во Европа, во Германија и во Северна Македонија е силно погодена од влијанијата на војната во Украина, бидејќи ланците на испорака се прекинати, а цените на суровините и енергијата и многу производи излегуваат од контрола.

Амбасадорката на Германија Анке Холштајн истакна дека Германија е најзначајниот економски партнер на земјава
„Стотици илјади бегалци пристигнаа во Германија и во соседните земји на Украина за да им се помогне кое е нешто што се подразбира само по себе. Одеднаш пандемијата одвај и да игра некаква улога. Но затоа пак зелената промена повеќе од кога и да е бидејќи среднорочно само таа не ослободува од фаталната зависност од руските гас и нафта што особено ја засега Германија“, рече Холштајн.

За секојдневните грижи на германските фирми, Амбасадата, Стопанското здружение и неговите членки посочи дека наидуваат на слух кај Владата и различните институции, а оваа доверлива клима е важно обележје за квалитет за локацијата Северна Македонија.

„Заедно ќе продолжиме да ја негуваме за успешно да работат тие што веќе се овде, како и за понатамошно рекламирање на Северна Македонија како дестинација за инвестиции. Во најмала рака исто толку важно и транспарентно, предвидливо административно подобро. Онаа фирма што може да се откаже од Украина или Русија бара нови дестинации за инвестиции тука доаѓаат. Северна Македонија токму со дополнителниот безбедносен бонус како што е членка на НАТО, нешто што Северна Македонија не би била без Преспанскиот договор. На тоа како и на другиот дел очекувањето поврзано со Преспанскиот договор е да се тргне на патот кон ЕУ. Работите многу интензивно со вашиот бугарски колега. Новата динамика го одредува вистинскиот правец. На патот на приклучувањето на вашата земја кон ЕУ може безусловно да се потпрете на германската поддршка како што ве увери канцеларот Шолц на вашата средба минатата недела во Брисел. Политиката на проширување повеќе од кога и да е и безбедносна политика“, порача амбасадорката Холштајн.