Штипското јавно обвинителство покренува обвинение против управител на една штипска текстилна конфекција за намерно лажно предизвикување на стечај. Претседателката на „Гласен Текстилец”-Штип, Кристина Ампева на денешната прес-конференција истакна дека известувањето на Основното јавно обвинителство(ОЈО)-Штип го добиле денеска. Ова известување доаѓа по вчерашната кривична пресуда во корист на работничка од Делчево, за којшто МИА веќе информираше. Ампева забележува дека ова значи дека пресудата нема да биде изолиран случај.

-Драго ми е за денешното известување од Основното јавно обвинителство-Штип, каде што поднесовме обвинение против управител на една конфекција во Штип, ќе го почекаме исходот од постапката. Меѓутоа овде се разботи за намерно предизвикување на стечај, со самото тоа што ОЈО –Штип за првпат ни одговара позитивно во однос на еден член од Кривичниот законик нас ни влева доверба, а треба да им влева и доверба на работниците, вели Ампева.

Кривичните постапки треба за крајна цел да имаат намалување на злопотребите од страна на работодавачите на сметка на работниците.

-Време е веќе ова да започне да се практикува по Кривичен законик, а не како прекршување на Закон за работни односи. Нека има затворски казни, парични казни, нека се полни буџетот, од работодавачи кои сметаат дека треба да ги злоупотребуваат работниците, вели Ампева.

За кривично дело предизвикување на намерен лажен стечај е предвидена затворска казна од една до пет години.