Постои тенденција да се гледаат економските предизвици како привремени и брзо реверзибилни, но овој пат светот се движи кон длабоки економски и финансиски промени, а не само кон нова рецесија, предупредува Мохамед Ел-Ериан, главен економски советник во Алијанс.

Во авторски текст за магазинот Форин аферс, овој поранешен извршен директор на Пимко – влијателен играч на пазарот на обврзници, оценува дека комбинацијата на притисоци на страната на понудата, заострувањето на монетарната политика на американската централна банка – ФЕД и чувствителноста на пазарот силно ќе го погоди глобалниот раст.

„Три нови трендови навестуваат таква трансформација и веројатно ќе одиграат важна улога во обликувањето на економските перформанси во следните неколку години, имено промената од недоволна побарувачка кон недоволна понуда како главна повеќегодишна кочница на растот, крај на неограничената централна поддршка за банкарска ликвидност и зголемена чувствителност на финансиските пазари“, напиша Ел-Ериан.

Тој смета дека овие промени помагаат да се објаснат „многу невообичаени економски случувања во изминатите неколку години, кои веројатно ќе доведат до уште поголема неизвесност во иднина бидејќи шоковите стануваат почести и посилни“.

Тие промени ќе влијаат на поединци, компании и влади, и економски, социјално и политички, предупредува Ел-Ериан.

Овој економист особено ја критикуваше американската ФЕД бидејќи, според него, предоцна го препозна деструктивниот ефект на инфлацијата врз економијата, по што почнаа со нагло зголемување на референтната каматна стапка за да го надоместат изгубеното време.

Ел-Еријан, исто така, наведе дека пазарите се навикнале на евтини пари од централните банки, што за последица имало „обратен ефект“, односно значителен дел од глобалната финансиска активност ја преземале фондови за управување со средства, приватни капитални и хеџ фондови – заедно со други субјекти чија активност е недоволно регулирана.