Со зголемување на прагот на ослободување на оданочување со данок на добивка на регресот за годишен одмор од досегашните 40 на 80 проценти работодавците остануваат без главниот изговор дека исплатуваат помалку К-15 за да не прават дополнителни трошоци за плаќање данок. Лани во ССМ добиле пријави за над 100 газди кои не исплатиле или исплатиле помалку К-15.

За две недели официјално треба да почне исплатата на К-15 за сите кои биле вработени кај ист работодавец најмалку шест месеци оваа година. Исплатата на овој регрес наменет за годишен одмор според закон и Колективен договор треба да заврши до крајот на годинава.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија се категорични дека и покрај кризата предизвикана од пандемијата која ја влоши финансиската ситуација на голем број компании, К-15 мора да се исплати, зашто остана како законска обврска. Исто така, вработените оваа година можат да се надеваат да добијат двојно повисока сума од онаа што е предвидена како минимална во Колективниот договор, која изнесува 40 проценти од просекот на трите просечни нето плати во државата објавени пред исплатата од Државниот завод за статистика. Една од мерките од петтиот антикризен пакет што го донесе Владата е и поголемото даночно ослободување на средствата исплатени како регрес, за што се избори ССМ по  барање на работниците.

-Зголемување на прагот на ослободување на оданочување со данок на добивка на регресот за годишен одмор од постојните 40% на 80%. Со мерката се опфатени компаниите коишто имаат обврска да исплаќаат регрес на своите вработени, гласи оваа мерка.

Слободан Трендафилов од ССМ за весникот ВЕЧЕР појаснува дека со тоа ослободување К-15 може да достигне 80 проценти од просечната плата.

Така, доколку овој месец би се исплатувал регресот, што значи во пресметката би се земале просечните плати за декември, јануари и февруари, минималната сума предвидена со Колективниот договор би била околу 11.300 денари. Но, со целосно користење на новото даночното ослободување, таа сума би можела да се покачи до дури 22.635 денари. На оваа исплатена сума како К-15 работодавците нема да платат данок, со што веќе ќе нема изговор дека исплатуваат помалку К-15, за да не прават дополнителни трошоци за данок.

-На барање на работниците, ССМ бараше работодавачите да добијат поголемо даночно ослободување при исплата на регрес за годишен одмор, а Владата прифати таквото даночно ослободување да биде за исплатен регрес за годишен одмор во висина до 80 проценти од просечната плата, со што надмината е пречката работодавачите да исплаќаат и повисок износ на регрес за годишен одмор од утврдениот во висина од 40 отсто и за тој износ да не бидат дополнително оданочувани, појаснува Трендафилов.

Од ССМ апелираат сите работодавачи да ја искористат ваквата поволност и да исплаќаат регрес за годишен одмор во висина од 40 до 80 проценти од просечната плата. Исто така најавуваат дека ќе иницираат преговори со работодавците за измена на Колективниот договор со што минималната сума на К-15 од 40 би се покачила на 80 проценти од просечната плата.

Финансиски појаките компании веќе им исплатија К-15 на своите работници за годинава и тоа во висина од над 25.000 денари. Но, некои таа обврска не ја исполнија ни за лани.

Во ССМ добиле пријави од работници за повеќе од 100 работодавачи  кои не исплатиле во целост или исплатиле помалку К-15 за 2020 година.

-Пријавите, во името на работниците се потпишани и поднесени од претседателот на ССМ за да се заштитат работниците од притисоци и закани од работодавачите, а бараме одговорност и целосна примена на член 166 став 1 од кривичниот законик за сите работодавачи кои свесно го прекршиле ова работничко право, вели Трендафилов за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека по пријавите од ССМ голем дел од газдите им го исплатиле регресот за годишен одмор на работниците. Според повратните информации од Државниот инспекторат за труд, каде што се пријавени овие случаи, оние работодавачи кои не го исплатиле регресот за годишен одмор добиле записник и решенија со задолжување за исплата, а некои веќе се и санкционирани.

Неодамна ССМ ја направи мобилната апликација „Мои работнички права“, преку која брзо, едноставно и анонимно работниците можат да пријавуваат прекршување на правата од работен однос, вклучувајќи ја и неисплатата на регресот за годишен одмор. Од овој синдикален сојуз ги охрабруваат работниците да ја преземат и да ја користат оваа апликација.